105 години од најголемата трагедија на македонскиот народ


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На денешен ден пред точно 105 години се случи најголемата трагедија на македонскиот народ. На 10 август 1913г, беше потпишан мировниот договор во Букурешт како последица од Балканските војни, со кој всушност се изврши трајна поделба на македонскиот народ помеѓу четирите балкански држави (Грција, Србија, Бугарија и новоформираната Албанија). Од овој ден, до денеска македонскиот народ успеа да дојде до своја татковина само во делот што беше окупиран од Србија и тоа благодарение на антифашистичката борба во Втората светска војна.

Територијата на Македонија во рамките на Отоманската империја до Балканските војни го претставувала централниот дел на Балканскиот Полуостров. Таа се граничела на север со Шар Планина, Скопска Црна Гора, Козјак и Рила. Западните граници се протегале преку планините Кораб, Јабланица, Грамос и Пинд, на југ по реката Бистрица до Егејското Море и на исток до сливот на реката Места. Во рамките на овие географски граници, Македонија зафаќала површина од 67.741,2 км2.

Со Букурешкиот мировен договор, Македонија била поделена на тој начин:

Егејскиот дел, со површина од 34.356 км2 го окупирала Грција,
Вардарскиот дел со површина од 25.342 км2 го окупирала Србија,
Пиринскиот дел со 6.798 км2 ја окупирала Бугарија и
Јужниот брег од Охридското езеро – Мала Преспа со 1.115 км2 и биле доделени на Албанија.


Со распарчувањето во Букурешт, Македонија од централен и најзначаен дел од Балканот станала периферија и провинција на балканските земји.

Веднаш потоа започнало асимилирање на македонското население во Јужни Срби, Бугари, Славофони Грци и Албанци. Дури и во пребројувањето на жртвите и загубите во Втората Балканска војна македонското име не се споменувало, иако војната главно се водела во Македонија, Според извештаите, Србија загубила 44.500 луѓе, Црна Гора 1.400, Грција 20.000, а Бугарија 93.000 луѓе. Вкупно 158.000 луѓе.

Наведениве факти недвосмислено докажуваат дека балканските војни се подготвувале и се воделе за поделба на турските поседи во Европа. Единствениот принцип врз кој се одредувале и се поставувале границите било правото на посилниот, односно оружјето.


На 1 март 1913 година, седум месеци пред потпишувањето на договорот, претставниците на Македонската колонија во Петроград, Гаврил Константинович, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков потпишале меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, и на амбасадорите на големите сили во Лондон. Со меморандумот Димитрија Чуповски изработил и карта на Македонија во колор со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија. Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на било какво чувство за реалност и за македонскиот народ, големите сили судбината на Македонија ја оставиле да ја решат завојуваните балкански држави.

Така, на 10 август 1913г, најцрниот ден за македонскиот народ е извршена трајна поделба на Македонија. Но, македонската голгота не заврши тогаш. Откако успеаја да го пребродат меѓувоениот период, за време на Втората светска војна дојде до мала исправка на оваа историска неправда откако со антифашистичката војна и АСНОМ, македонскиот народ успеа да се избори за своја држава во рамките на југословенската федерација.

Сепак и по осамостојувањето не завршија проблемите за Македонија, која се уште е оспорувана од своите соседи, па така и покрај договорот за добрососедство со Бугарија, оваа држава и денес ја оспорува нашата историја, Србија ја оспорува нашата црква, додека Грција го оспорува и ни го присвојува нашето име. Всушност доколку се реализира договорот со Грција, со прифаќањето на името Република Северна Македонија за севкупна употреба, како и со членовите 6, 7 и 8 кои директно задираат во нашиот идентитет и се намалуваат нашите слободи, Македонија ќе мора да ја прифати грчката верзија на историјата, која според актуелниот текст на грчкото МНР (клик ОВДЕ) тврди дека ние сме вештачка нација што го украла грчкото име Македонија.