46 години од смртта на Никола Мартиноски – великанот на македонската ликовна уметност


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Никола Мартиноски е роден во Крушево, на 18.08.1903, а починал во Скопје, на 7.2.1973.

Дипломирал на Училиштето за убави уметности во Букурешт, Романија во 1927 година, како најдобар студент на генерацијата. По студиите тој за кратко останал во Скопје, а потоа заминува за Париз. Во 1927-1928 престојува во Париз каде ја посетува Acadèmie de la Grande Chaumière и Ransan. Тој престој претставува пресвртница во уметничкиот развој на Мартиновски.

Тој се вратил во Скопје во крајот на 1928, каде што реализирал неколку самостојни изложби, а освен првата (1929), сите останати изложби (1930, 1931, 1935, 1936, 1938 и 1939) биле организирани од новооснованото друштво на пријателите на уметноста „Јефимија“. Освен во Скопје, Мартиноски изложувал и во Белград (1931, 1932) и Загреб (1936, 1937), а учествувал и на повеќе групни изложби во Југославија и надвор од неа (Прага, Софија, Солун и Рим) како член на белградската група „Облик“. Во 1939-1940 работи на сценографија во Скопскиот театар.

Мартиноски има значајна улога во формирањето на Државното средно ликовно училиште во Скопје (бил прв директор сé до 1949, кога станал директор на новоснованата Уметничка галерија – Скопје денешна Национална галерија на Македонија), Друштвото на ликовни уметници на Македонија (неколку пати бил назначен за претседател), на Македонската академија на науките и уметностите. Два пати бил избран за народен пратеник во федералното собрание во Југославија. Честопати патувал и бил во допир со најновите тенденции во светската современа уметност. Сé со неговата смрт Мартиноски бил директор на Уметничката галерија – Скопје, а во 1967 станал и редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Во 1968 во Крушево, е основана Галеријата на Никола Мартиноски со повеќе дела кои тој му ги подарил на својот роден град. По неговата смрт во 1973 две комеморативни изложби со ретроспективен карактер биле одржани во Белград (1973) и Скопје (1975, 1976, 1981, 1983, 1993, 2003).

Местото на врвот во македонската современа уметност најзаслужно му припаѓа поради неговото своевидно поврзување на епохите – емотивната блискост и високата почит кон средновековното сликарство во Македнонија и синтезата која тој ја создаде, напоредно со современите модерни струења. Во неговото исклучително богато творештво, авторот во сите традиционални теми и жанрови умееше да ја вреже својата сопствена и сложена творечка личност. Во своите дела е свртен кон човекот – мајчинството, љубовта, портретот – се темите низ кои авторот ги откриваше физичките и психолошките карактеристики. Ликовите се од неговите омилени амбиенти од скопските предградија. Сликал и мртви природи каде речиси ја достигнал синтезата на експресионизмот и третманот на Сезан. Со целокупното ликовно творештво, ќе остане засекогаш забележан во страниците на историјата на ликовната уметност кај нас, како прв модерен експресионист и основоположник на македонската современа ликовна уметност.