Австриската влада пред распад: Еве ја снимката која ја тресе политичка и граѓанска јавност


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Откако вчера вечер на интернет беше објавена снимка направена на Ибица, на која австрискиот вицеканцелар Хајнц Кристијан Штрахе наводно договара матни зделки со понуда за поволности во замена за политичка поддршка со претставничка на руска компанија, канцеларот на Австрија Себастијан Курц свика итна средба со компромитираниот политичар со кој одбива понатамошна соработка откако тој, поради снимката, е веќе осомничен за обид за корупција.

Претседателот на десничарско-популистичката Слободарска партија на Австрија (ФПО) Штрахе пред парламентарните избори во Австрија во 2017 ѝ понудил на руска претприемачка предност при доделувањето на јавните тендери во замена за донации за предизборната кампања на ФПО, објавија вчера германските медиуми Шпигл и Зидојче цајтунг, објавувајќи тајно снимени видеа.

На снимките доставени на германските медиуми Штрахе и неговиот соработник Јохан Гуденус, сегашниот претседател на пратеничкиот клуб на ФПО, во јули 2017, два месеци пред парламентарните избори во Австрија, во вила на Ибица разговараат со жена која се претставува како внука на руски олигарх кој сака да вложи 250 милиони евра во австриската економија.

Иако соговорничката во неколку наврати повторила дека станува збор за нелегални пари, Штрахе и Гуденус на наводната инвеститорка ѝ понудиле да го купи најтиражниот австриски дневник Кронен цајтунг.

„Ако три недели пред изборите го преземете Кронен цајтунг и нѐ поддржите да стигнеме до врвот, тогаш можеме да зборуваме за сѐ“, вели Штрахе во видеото.

Шпигл и Зидојче цајтунг пишуваат за „класична местенка“ во која е вовлечен актуелниот вицеканцелар.

Генералниот секретар на партијата Кристијан Хафенекер истакна дека ни Штрахе ни Гуденус „на никаков начин“ не профитирале материјално како резултат на овој разговор.

Хафенекер во соопштението го постави прашањето кој една недела пред изборите за Европскиот парламент има корист од објавувањето на снимките.

Објавувањето на видеото синоќа во Австрија меѓу опозицијата одекна како бомба, а повеќето опозициски политичари бараат распишување нови избори.