Бракот во Република Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Бракот во македонското општество претставува висока вредност како за развој на личната среќа, така и за општеството. Тој е важен на многу испреплетени нивоа: емотивно, социјално, економско ниво. Како една од најстарите општествени институции, бракот поминал најразлични фази во развојот, но секогаш служел за регулација на половите односи меѓу мажот и жената и за прокреирање на потомството.

Во последните години се случуваат брзи и радикални промени во брачниот живот на глобално ниво, кои се рефлектираат и во нашата земја. Според голем број автори, најзначајните промени што доведуваат до преуредување на брачниот и интимниот живот е појавата и широкото прифаќање на индивидуализмот и давањето приоритет на поединецот и неговите желби, потреби и интереси. За разлика од претходниот период кога бракот и семејството е од фундаментално значење за општествениот живот, тоа веќе не е карактеристика на современото општество. Промените се неизбежни и во нашето општество. Секоја општествена категорија, па и бракот и брачните односи подлежат на промени, меѓутоа, денес, бракот станува се покршлива институција. Статичките податоци се главните показатели за неговата ранливост.Ако ги анализираме статистичките податоци во последниве неколку децении ќе ја добиеме следната слика : Расте бројот на разводи, а се намалува бројот на склучени бракови. Имено, од 710 разводи кој биле склучени во 1995 година, бројот пораснал на 2045 разводи во 2013 година, односно 1994 разводи во 2017-тата година. Бројот на склучени бракови во 2017 изнесувал 13781, во 2013-тата година биле склучени 13982 брака, 15 490 во 2007, додека во 1994 -15736 брака. Исто така, се зголемува просечната возраст на стапување во брак што укажува на фактот дека двојките подоцна стапуваат во брак. Така денешната возраст на која двојките стапуваат во брак изнесува 26.6 години за жени и 29.3 години за мажи. Податоците за 2014-та година се 25,8 години за жените,а 28.6 за мажите, во 2004 година во брак стапиле жени на возраст од 24 години а мажи на 27 години во просек, додека во 1994, 23 за жени 25 за мажи.

Промените се согледуваат и во сфаќањата дека бракот не е нешто што задолжително треба да се оствари како животна цел, а разводот не претставува морална осуда за разведените, туку напротив “среќен излез”, од несреќниот брак. Неодамна спроведеното истражување меѓу студентите од прва и втора година на Филозофскиот факултет покажува дека иако младите во Република Македонија, генерално сè уште веруваат во бракот како институција, тие не го прифаќаат бракот “по секоја цена”, слободоумно гледаат на модерните форми на брачни заедниции, а разводот го прифаќаат како составен дел од врските. Треба да се има предвид дека промените кои се случуваат во бракот како општествена заедница несомнено влијаат на семејството како целина и неговото декларативно егзистирање.

 

Доц.д-р Македонка Радуловиќ

Институт за семејни студии, Филозофски Факултет