Честит 15. роденден на Фејсбук


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


На денешен ден, 4 февруари, 2004 година, во студентската соба од студентскиот кампус на Харвард, Марк Закерберг ја создаде социјалната платформа „Фејсбук“, која од обична вмрежена поврзаност на студентите од Харвард прерасна во глобален медиумски гигант со импресивно влијание од тривијални, преку културни, па до политички сфери и со која засекогаш се промени начинот на интернет комуникацијата, „онлајн“ маркетингот и глобалната поврзаност.

Денес, 15 години подоцна, оваа социјална мрежа со сите нејзини можности и капацитети, од најразлични побуди и причини, ја користат над 2,3 милијарди корисници.

Минатата година „Фејсбук“ беше вплеткан во низа скандали во врска со заштитата на податоци и нарушувањето на приватноста на корисниците, со што се потенцираше дека од овој медиумско-технолошки гигант повеќе не се фокусирани на заштита на приватноста на корисниците, туку на растот и ширењето по секоја цена.

Само дигиталниот гигант „Гугл“ има повеќе приходи од „Фејсбук“ од рекламирање на интернет. „Фејсбук“ е сопственик и на апликациите „Инстаграм“, „Месинџер“ и „ВатсАп“ и сите тие имаат по повеќе од милијарда корисници. Закерберг и понатаму го брани својот деловен модел и тврди дека „Фејсбук“ не продавал податоци за своите корисници и дека може да му се верува.

Ланската заработка на Фејсбук достигна рекордна сума од 22 милијарди долари.

Еве како пред 15 години, лично Марк Закерберг, на тогашна негова 19-годишна возраст, на CNBS го објаснуваше концептот за новата платформа и идеја тогаш наречена „The Facebook“. Тоа „the“ беше исфрлено веќе во 2005 година.