Advertisements
Актуелно

Дојче Банк ќе отпушта 18.000 вработени: Го напушта глобалниот пазар и „се враќа на корените“

Очигледно ерата на Дојче Банк како голем играч на глобалниот банкарски пазар останува во минатото, бидјеќи германската банка преку девизата „враќање на корените“ го напушта овој пазар и преку 18.000 отпуштања кои планира да ги испорача до 2020 година, прави радикално пренасочување во банкарскиот дискурс.

Банката број 1 во Германија презема големи чекори за конечно да им стави крај на проблемите со кои се соочуваше. Некогаш гордата банка со 149-годишна, променлива традиција, во изминатите години оддаваше очаен впечаток. За да може евентуално да го спаси пациентот, првиот човек на банката Кристијан Зевинг кој нешто повеќе од една година е на таа позиција, презема „итна операција“, бидејќи естетски корекции ни приближно нема да бидат од помош. Банката минатата година за првпат по 3 години повторно имаше добивка, пренесува Дојче Веле.

Во првиот квартал годинава исто така забележа плус. Но, 200 милиони евра се смешно малку во споредба со конкуренцијата, особено од САД. Банката и во вториот квартал имала профит. Но, големата реорганизација, особено укинувањето на 18 илјади работни места, во голем дел во областа на инвестициското банкарство, ќе ја чини многу банката – според нејзини проценки 7,4 милијарди евра – и така од малата добивка ќе излезе голема загуба, односно 2,8 милијарди евра во вториот квартал.

Лесно е да се предвиди дека банката во целата календарска година тешко ќе оствари добивка. Акционерите исто така ќе мора да се стрпат, бидејќи распределба на дивиденди годинава и следната година не е предвидена.

Затоа, пак, ќе избегнат натамошно зголемување на капиталот, што секогаш е непријатна мерка за акционерите бидејќи на тој начин се разводнува вредноста на нивните акции. Банката во изминатите години често ги молеше акционерите да попуштат, па така беа продадени нови удели во вредност од 27 милијарди евра и на крајот немаше никаков ефект од таа мерка. Затоа Зевинг потребните средства ги зема од сопствените резерви на банката кои се многу поголеми, бидејќи таа и натаму е една од порелевантните за финансискиот систем на светско ниво. Истовремено, ризичните финансирања ќе бидат изолирани во посебна „Bad Bank”. Една петтина од вкупните долгови на банката плус т.н. „ризична актива“ (или со други зборови – состојките за следната светска финансиска криза) во висина од 74 милијарди евра треба да бидат префрлени таму.

Банката ќе се збогува од големи делови на инвестициското банкарство, а ќе ги задржи само оние аспекти од него во кои досега имала некаков успех. Но, банката ќе се повлече од тргувањето со акции и камати. Тоа е признание за неуспехот токму на полето каде што првично банката сакаше да биде конкуренција на оние од Волстрит. Тоа истовремено ќе ги зајакне банките кои добро заработуваат. Дојче банк денеска се збогува од лигата на банкарските шампиони. Во фокусот сега се компании и индивидуални клиенти, при што е загрижувачки кога Зевинг вели дека „со тоа што банката повторно целосно ќе ја насочиме кон своите клиенти, ќе се вратиме на корените“. А, на што ли биле тогаш насочени бизнисите од изминатите години?Дали во франкфуртските кули близначки заборавиле за кого всушност постојат? И ако било така, зошто толку време требше некој да забележи? Што ли правеле сето ова време надзорните одбори?

Advertisements

Најпопуларно

To Top