„Фамилијата Марковски“ се враќа на малите екрани


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Со премиерно прикажување во сабота, 9 ноември, со почеток во 19:20 часот, на Канал 5 телевизија, ќе започне емитувањето на втората сезона од популарната македонска ТВ серија „Фамилијата Марковски”.

Серијата минатата сезона ги освои симпатиите на публиката прикажувајќи го секојдневието на членовите на фамилијата Марковски и предизвиците што ги носи живеењето во едно дисфункционално општество.

Серијата е во продукција на „Арт проект лаб”, а е поддржана од European Endowment for Democracy (EED) и National Endowment for Democracy (NED).

Лиле (Силвија Стојановска), Иван (Александар Микиќ), Јана (Тамара Ристоска), Виктор (Владимир Петровиќ) и Бојан (Петар Петковски) од оваа сабота ќе продолжат преку своите лични приказни да ни го илустрираат македонското секојдневие допирајќи многу теми кои често завршуваат на маргините. Здравствениот хаос, партиските вработувања и непотизмот беа само дел од темите кои беа обработени во претходната сезона.

„Со првата сезона се обидовме да допреме теми кои тогаш, но за жал и денес се сѐ уште актуелни. Публиката го препозна импулсот на серијата и ни дозволи да ја раскажеме приказната онака како што ја замисливме. Со втората сезона одиме уште подалеку, обработувајќи теми како семејното насилство, зависноста од коцкање и онаа можеби најболна тема за македонското општество – иселувањето на младите. Дејствието и овој пат е инспирирано од вистинити приказни од животот на граѓаните“ – изјавија од „Арт Проект Лаб”.

Втората сезона на „Фамилијата Марковски” имаше и свое фестивалско претставување на овогодишниот Сараевски филмски фестивал, каде премиерно беа прикажани првите две епизоди од серијата како дел од програмата „Avant Premiere Gala” заедно со уште четири балкански серии од новата продукција.

„Фамилијата Марковски” е во режија на Даријан Пејовски.

Серијата покрај премиерното прикажување во сабота во 19:20 на „Канал 5″ ќе може да се погледне и репризно во недела од 17:00 часот.