Големиот пожар над Плетвар ставен под контрола


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Пожарот е ставен под контрола во раните утрински часови, по безмалку 12-часовна борба со огнената стихија. Меѓутоа, пасивните жаришта се уште се многубројни, па ветрот кој постојано дува на Плетвар, брзо ги разгорува, како што беше и случајот со едно од нив, кое буквално пламна пред нашите очи.

Синоќешниот пожар, кој предизвика невиден застој во сообраќајот на патот Прилеп – Градско, создавајќи километраски колони од возила кои на превојот Плетвар останаа заглавени и до десет часа, и буквално ја парализираше половина Македонија. Од општинскиот Кризен штаб кој заседаше утринава, се правдаат дека тие како тело биле навремено координирани и организирани, но заради обемот на огнената стихија и во интерес на безбедноста на граѓаните, последиците биле такви какви што, според нив, морало да бидат, пренесува „Алфа ТВ“.

Инаку, во прилепскиот регион гори веќе десетина дена, така што и во моментов, активни пожари има на неколку локации, од кои покритични се овој на Плетвар, потоа кај селото Лопатица, како и тој кај село Зрзе. Екипи од ТППЕ, од Шумското стопанство и од општинскиот Кризен штаб постојано се на терен и стражарат над гариштата. Сомневањата за истовременото настанување на повеќето пожари на различни локации и овој пат се лоцираат во човечкиот фактор. Во гаснењето на синоќешниот пожар, на прилепските пожарникари на помош им притекнале колегите од Битола, Кавадарци и Крушево. Авионска поддршка не била побарана.