Градот во кој ноќното читање е попопуларно од одење во кафулиња и дискотеки


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Можноста посетителите да читаат книги, без обврска да ги купат потоа, ја претвори книжарницата Eslite во тајванската престолнина Тапеј во необична туристичка атракција и омилено место за ноќни излегувања на локалните жители.

Книжарата Eslite, која е дел од најголемиот ланец тајвански книжари, работи 24 часа дневно и е преполна со љубители на книги и страсни читатели, хипстери, но и родители со мали деца.

Според сведоштвото на еден посетител, кога тој бил во книжарницата, најпрометно време со посетители во истата бил периодот од 22 часот до 2 часот по полноќ. Луѓето седеле по ќошовите, катчињата направени за потседнување, на скалилата или на масите со екрани. Сите уживале во читањето книги.

31-годишната Јао Хонг седела на малите, дрвени скалила. Објаснила зошто баш оваа книжарница е нејзиното омилено место за поминување на слободното време.

„Доаѓам овде 3-4 пати неделно. Сабота доаѓам околу пладне и останувам до 4 часот наутро“, открива таа. „Излегував по барови, но тие не ми се допаѓаат. Сакам да читам. Овде можам да читам книги кои ги сакам и никој не ми пречи во тоа“. Во текот на една вечер таа прочитала 200 страници од книга која има вкупно 300 страници.

Она што привлекува голем број посветени и верни читатели не е само големиот избор на книги – ги има околу 250.000 кои им стојат на располагање на посетителите – туку и политиката на книжарницата според која посетителите можат да читаат онолку долго колку што сакаат тие, без никакви обврски да купат некоја книга. Е сега, многумина сигурно ќе се запрашаат како издавачката компанија, која има 42 ограноци во Тајван и еден во Хонг Конг, заработува околу 430 милиони долари годишно, ако им дозволува на своите посетители да ги читаат книгите тука, без да имаат обврска да ги купат?

Во рамки на овие книжарници се наоѓаат и вински подруми, продавници за чај, бутици за облека, кафулиња и ресторани. Исто така, за посетителите се приредуваат концерти, танцови изведби, проекции на филмови, уметнички изложби, како и емисии за готвење, со што дополнително се промовираат книгите кои ги има во понудата овој ланец книжарници.

Тајпеј има богата понуда и кога станува збор за ноќен живот и забава – караоке барови кои работат 24 часа, ресторани, клубови, но ништо од тоа не стана институција и не го обележа градот како Eslite.