Јако ги „сутнале“ на Миконос: За 6 пива, 6 порции лигњи и салати им наплатиле 836 евра


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Да отидеш на толку чеканиот и посакуван одмор на дестинација од соништата и да бидеш „ограбен“ уште првиот ден – тоа сериозно ги уништува расположението, волјата и желбата за уживање.

Токму тоа сценарио им се случило на друштво туристи од САД кои заминале на одмор на луксузниот и елитен грчки остров Миконос. Еден американски војник од Њујорк со своите петмина пријатели останале шокирани кога после ручекот во еден локален крајморски ресторан ја добиле сметката.

Шест порции лигњи им ги наплатиле 591 евро, а за шест локални пива им наплатиле 150 евра. За трите Цезар салати кои ги порачале добиле есап од 60 евра, и дополнителни 17,80 евра за две шишиња вода. А да, една чаша сок од домати им ја наплатиле 18 евра. Кога ќе се собере сумата, сметката доаѓа 836 евра.

Со цел да ги предупреди другите гости на цените и услугите во ресторанот „DK Oyster“, 38-годишниот војник Франциско Таеда од Њујорк објави фотографија од сметката за ручекот на TripAdvisor и им порача на другите туристи кои планираат да одат на Миконос: „Избегнувајте го овој ресторан, тој е стапица за туристите!“

Тој откри дека не добиле мени со ценовник за јадењата, иако го барале однапред, пред да ги направат порачките. Тврди дека келнерите одбиле да донесат ценовник.

„Да платиш на плажа 836 евра за лигњи, шест пива и три салати е тешка измама, а персоналот беше нељубезен и одби да донесе мени со ценовник“, напиша Американецот.

Сопственикот на ресторанот, Димитрис Каламарас, им објаснил дека со луксузното опкружување одат и луксузни цени. Но, екипата од САД е истрајна во тоа дека станува збор за измама, бидејќи нељубезниот персонал упорно одбивал да го донесе ценовникот, иако тоа гостите го побарале неколку пати.

„Бев толку лут кога ја добив сметката, што запалив цигара. А не пушам од 2011 година“, додаде туристот.

Подоцна, од неколку локални жители, на друштвото од САД му било кажано дека паднале во туристичка замка, бидејќи на фискалната сметка не е пишан ниту данокот кој по закон мора да биде истакнат на сметката. Екипата со сметката отишла во локалната полиција, но не можеле да направат нешто многу во врска со нивната ситуација и проблем, бидејќи за неколку часа морале да фатат авионски лет.

Ресторанот е сместен на југоистокот од островото, во близина на плажата Платис Гиалос, со вкупна оценка од 4 ѕвездички на TripAdvisor. Тој сега собира сè повеќе и повеќе негативни оценки и коментари. Очигледно ова американско друштво не се единствените туристи кои добиле толку висока сметка таму.

Дека тие западнале во туристичка замка и измама сметаат уште неколку туристи кои го посетиле овој ресторан, а кои ги објавија своите непријатни искуства со локалот. Џули од Канада напиша дека за капучино, даикири, чаша вино и шише вода добила сметка од 93,70 евра.

Само чашата вино била наплатена 20 евра. И таа предупредила дека ресторанот нема ценовник. Инкау, од 874 рецензии на TripAdvisor, ресторанот во 380 е оценет како „одличен“, додека оценка „ужасен“ дале 183 гости.