Advertisements
Екстра

Колку чини посетата на Чернобил и Припјат и дали е безбедно да се престојува таму?

Посетите на украинските градови Чернобил и Припјат пораснаа за нешто повеќе од 40 отсто, благодарение на популарната хит серија на НВО, „Чернобил“, која ја оживеа приказната за нуклераната чернобилска хаварија од 1986 година. Денес во Чернобил и Припјат одат туристи од сите страни на светот.

Поради зголемениот интерес кај туристите за посета на Чернобил, сајтот АВС изнесува податоци колку реално чини посетата на „градот на духовите“ и дали е опасно да се престојува таму.

Оние кои го посетиле Чернобил тврдат дека престојот таму е уникатно искуство. Такво нешто, како што велат, не може да се почувствува на ниту едно друго место на планетата. Шетањето низ напуштените улици на Припјат и глетката на разрушениот нуклеарен реактор е уникатно доживување кое вреди да се искуси, истакнуваат туристите кои биле таму, но и украинските туристички агенции.

Напуштени улици и села, празни болници и школски училници, газење врз веќе уништени и искористени гас-маски – сето тоа на посетителите им доловува јасна претстава за тоа како човештвото реагира во моменти на неочекувана криза. Но, токму како што прикажува и актуелната хит серија, Чернобил и понатаму е место кое е слика и прилика на голема трагедија, тага и револт.

Туристичките посети на Чернобил и Припјат почнаа во доцните деведесетти години од минатиот век, па заради тоа беа воведени строги правила до кои туристите мора да се придржуваат доколку не сакаат да бидат изложени на опасност. Сепак, не сите се придржуваа до воведените правила и прописи.

Илјадници луѓе кои живееја во Припјат и помагаа во опасните операции за чистење се живи и денес. Повеќето од нив и понатаму сносат психички и физички последици од нуклеарната катастрофа.

Припјат е најинтересниот дел од туристичката посета, па ако имате време, потрудете се да ги обиколите напуштените училишта, станови и болници, кои жителите на градот ги напуштија во само неколку минути, оставајќи ги зад себе своите животи со мисла и убедување дека ќе се вратат за неколку дена.

Викторија Брожко, која веќе со години работи како туристичк водич во овие два града, вели дека сите посетители биле неверојатно внимателни и ја почитувале историјата на двата града. Брожко има чичко кој е еден од неколкуте илјади луѓе кои помагале во операциите за расчистување после експлозијата на рекаторот.

„Мојот чичко го радува фактот дека странците се интересираат за историјата на ова место, но се надева дека тие нивниот престој таму ќе го искористат за да научат нешто за Чернобил, а не само да фотографираат“, вели Викторија.

Ако одите во Чернобил на само еден ден, повеќе радијација ќе „соберете“ во авионот додека патувате кон Украина, отколку во зоната на Чернобил и Припјат. Сепак, постојат неколку правила до кои мора да се придржувате при посетата на овие места.

Главно правило е да се држите до својата група за време на посетата, да не ги истражувате подрачјата сами и на своја рака, да избегнувате да фотографирате на места каде што тоа е забрането. Доколку одлучите да преноќите во градот, нема да ви биде дозволено навечер да скитате наоколу, бидејќи полициските служби кои патролираат навечер ќе ве вратат во хотелот по кратка постапка.

Запамтете дека со себе не можете да земете ниту еден предмет кој ќе го најдете во градот. Туристичките агенции советуваат внимателно да го испланирате вашето патување и да закажите и уплатите неколку недели претходно.

Со себе треба да носите доста вода и да се подготвите за фактот дека таму нема продавници во кои можете да пазарите намирници кои ви се потребни. Единствено место каде што ќе можете да јадете е чернобилската кантина, бидејќи на сите други места во градот тоа е забрането.

Пресметајте и информирајте се колку чини авионскиот лет од градот во кој живеете (или од најблискиот аеродром од каде што имате лет) до Киев. Потоа на тој износ додадете ја и картата од Киев до Припјат која чини од 85 до 130 евра.

Advertisements
To Top