Колумна: Каква Нова Година празнуваме денес?


Одиме јако! Не чека ЛУД викенд! ↓↓↓


Денеска е 1 јануари според Јулијанскиот календар, воспоставен од римјанинот Гај Јулиј Цезар во 46 година пред раѓањето на Исус Христос, кој всушност е римски многубожец, а кој направил реформа на стариот римски календар затоа што тој не бил баш најточен во однос на соларната година (патувањето на Земјата околу Сонцето). Бидејќи и овој календар не бил баш најточен, друг човек поврзан со Рим, папата Грегориј 13-ти во 1582 направил нова реформа, според која денеска сме 14 јануари, а не први.

Токму календарот на овој вториот ’римјанин’, папата Грегориј 13-ти, кој се нарекува уште и христијански календар, (бидејќи за почетна година го зема раѓањето на Исус Христос според пресметката на Дионисиј Малиот во 525 година) денес освен христијански, се нарекува и граѓански и е воспоставен во цел свет и по него се водат луѓе од разни религии и националности. Така, според овој христијански календар денес знаеме дека е 14 јануари, а не први, па затоа е малку несоодветно денес да славиме било каква Нова година, освен од традиционални причини.

Што е уште поинтересно, за оние што сметаат дека Гај Јулиј Цезар (кој всушност верувал во Јупитер, Марс и другите римски богови) има врска со православието, а папата Грегориј 13-ти со католицизмот, што е чист апсурд, по 2100 година нашите потомци доколку се водат по истиве мотиви ќе треба ’Старата Нова Година’ да ја слават на 15 јануари, а Божик на 8 јануари. Ова се случува бидејќи јулианскиот календар доцни на секои 100 години за 1 ден.

Значи, денес не е ниту Православна Нова Година, ниту македонска, а ниту српска, туку Нова Година според римскиот календар на Гај Јулиј Цезар. Тоа што врховните православни лидери по воспоставувањето на грегоријанскиот календар имале проблем со неговата примена од црковни и политички причини и го задржале јулијанскиот е екстра проблем. Но, гледаме дека дел од православната црква го прифати грегоријанскиот календар едноставно бидејќи е поточен, и бидејќи целиот свет се раководи по него.

Ако одиме понатаму, православните долго време Нова година ја славеле на 1 септември, поради Византија, бидејќи според византискиот календар, Новата година почнува на 1 септември, а не на 1 јануари, а денес според византискиот календар сме 7525 година (толку според нивните пресметки поминале години од раѓањето на Светот). И денес литургиската година во православниот свет почнува на 1 септември, а не на 1 јануари.

Инаку, повеќе народи си имале свои календари, поточни или помалку точни. Некои се соларни, како христијанскиот (поврзан со Рим), а има и лунарни како што е муслиманскиот (арапскиот). Старите Египќани имале свој календар, како и старите Хелени, древните Македонци, Маите, Сумерците и скоро сите цивилизирани народи во античкиот свет.
Кога сме кај древните Македонци, македонскиот календар бил лунисоларен, имал 12 месеци поврзани со месечевите мени и траел 354 дена. Прв месец бил денешен Октомври, односно месецот посветен на врховниот бог Диос.

Значи, ако сме попрецизни православната Нова Година би била на 1 септември, додека македонската на 1 октомври, но според македонскиот календар денес би биле 2300и некоја година, бидејќи 1 година според Селевкидите почнува на 312г пне и македонскиот календар нема врска со христијанството, бидејќи едноставно тогаш немало христијанство.

Календарот е всушност чиста математика, пресметка на природните појави (вртењето на Земјата околу својата оска и околу Сонцето) со цел подобро организирање на животните процеси на човекот и затоа би било убаво да ги знаеме овие работи, особено кога некои сметаат дека јулијанскиот календар е цврсто верување во православната вера, додека грегоријанскиот е поврзан со католицизмот.


Пишува: Костадин Стојаноски