Ќулавкова: Логична е појавата на чувство на загрозеност кај Македонците


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По повод последните настани кои кулминираа со скандалот со химната која ја пееше Тамара Тодевска, со свој осврт се јави и професорката Катица Ќулавкова. Го пренесуваме во целост.

Систематското и системско непочитување, изневерување и ревизија на Преамбулата на Уставот на Р Македонија со Амандманите од 2001 и со бројни други уставни и законски акти во периодот 2001 – 2019, вклучително и упадот во Уставот врз основа на Преспанскиот Договор 2018, станаа извор на индивидуално и колективно незадоволство, револт, отпор кај Македонците. Таквиот ревизионистички пристап кон стекнатите државотворни права на Македонците доминира и денес во државава. Како последица на таквата политичка стратегија се случуваат бројни повреди на симболите на македонската држава, какви што се знамето и химната. На пола територија не се вее македонското државно знаме никогаш, од чинители на власта и коалициони партнери не се користи знамето, не се зборува македонскиот јазик како државен/национален јазик, се покажува драматично и арогантно непочитување на елементите на македонската државност, Македонците се „позитивно дискриминирани“…

Неповредливото стана повредливо, светото – профано.
Во актуелната констелација на интензивирани националистички дискурси на Балканот и кај соседните држави, поткрепени со пошироките евро-атлански политики, мошне јасно артикулирани, логична е појавата на чувство на загрозеност кај Македонците. Од минатата година наваму стануваат синхронизирани и институционализирани, до максимум, елементите на внатремакедонски судир и антимакедонска пропаганда од самите домицилни институции.

Оттаму, секој јавен настан и постапка се читаат како пораки и проекции на ревизионистичките политики спрема македонската нација и држава. Луѓето се чувствителни, и тоа веќе не само по партиска линија. Гневот ги надминува рамките на партијата. Отпорот ја шири опозициската рамка, излегува надвор од рамките.

Провокациите од типот на случајните грешки, како онаа при исполнувањето на химната од страна на Тамара Тодевска, токму на Калето, во полн дипломатски аудиториум, се дочекуваат жестоко. Тамара е само рефлексија на владејачката политика спрема македонскиот идентитет. Не помагаат тука вообичаените релативизации на владините медиуми. Едноставно чашата е прелиена. Ниеден јавен настап не е невин. Агонијата не е завршена. Хаосот продолжува.

Токму како последица на тој вишок на негација на правата на македонската нација се јавува и неконтролиран говор на омраза. Кога ќе му ја заробите слободата и правото на еден народ на самоидентификација, подгответе се на реакција. Или вратете ги работите на свое место, или оставете друг да ги среди работите. Агонијата раѓа агонија. Законитите процеси се предвидливи, затоа се законити.