Мијалков и Ибраими во домашен притвор до правосилност на пресудата за „Титаник 2“


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Скопска Апелација им ги замени мерките притвор со мерки домашен притвор на осудените Сашо Мијалков и Бедредин Ибраими до правосилност на пресудата за случајот Титаник 2.

Како што соопшти Апелација, обвинетата Анета Стефановска доби мерка на претпазливост – Обврска на обвинетата да се јавува повремено во Основен суд Битола секој работен вторник, до правосилност на пресудата, пренесува Нова ТВ.

Жалбите на Сашо Срцев и Влатко Сајковски Апелација им ги одби како неосновани.

Во првостепената пресудата за „Титаник 2“ Мијалков е осуден на три години затвор, Мендух Тачи на три години и два месеци, Бедредин Ибраими на четири години и шест месеци, Влатко Сајковски, Сашо Срцев и Анета Стефановска добија по три години затвор.

Судот го прифати барањето на СЈО и им определи притвор на Сашо Мијалков и на Бедредин Ибраими, а останатите четворица осудени добија мерки за претпазливост. Обвинителите побараа притвор поради опасност од бегство.

Според обвинението од СЈО, Мијалков како директор на УБК и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го искористил своето влијание и преку Мендух Тачи договорил да се усвојат приговорите за прегласување на три избирачки места во Струмица на локалните избори 2013 година.

Мијалков има мерка куќен притвор по барање на СЈО и за случајот Империја, а Врховниот суд ги ослободи од куќен притвор останатите осомничени во Империја, Камчев, Панделевски и Јосифовиќ со образложение дека СЈО нема право да бара притвор за овие лица затоа што истрагата за Империја била покрената по јуни 2017 година.

Мијалков е обвинет и во предметите Трезор каде се товари за проневера на речиси милион евра државни пари за набавка на опрема, како и во Тортура каде што е обвинет за нечовечно апсење на поранешниот министер Љубе Бошковски.

Најголемиот предмет на СЈО во кој Мијалков е обвинет за аферата прислушување која во 2015 година предизвика политичка криза е Таргет-Тврдина. Овој предмет се однесува на уништената опрема за прислушување и нелегалното масовно прислушување на над 20 илјади луѓе. Во овој предмет е обвинет за злосторничко здружување и злоупотреба на службена должност.