Моќна камера која може да препознае едно лице меѓу десетици илјади луѓе


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Кинеските технолошки иноватори и научници развија ултрамоќна камера која има способност да идентификува едно лице во група од неколку десетици илјади луѓе.

Камерата со резолуција од 500 мегапиксели е развиена од научници на универзитетот Фудан во соработка со оптичкиот институт Чанчун на кинеската академија на науките, пренесува Индипендент.

Станува збор за камера чијашто резолуција содржи пет пати повеќе детали од човечкото око, иако неговата висока резолуција е надмината со камера од 570 мегапиксели од чилеанската опсерваторија насочена кон набудување на далечните галаксии.

Камерата, измислена од кинески научници, ќе се користи за видео надзор и веќе е пофалена од кинеските државни медиуми за апликациите што ќе ги користат кинеските воени и безбедносни институции.

Технологијата за препознавање лица, комбинирана со следење во реално време на поединци, на тој начин придонесува за мрежата за набљудување преку која Кина добива информации за сите свои граѓани.

Во моментов се проценува дека Кина има 170 милиони камери за надзор, по една на секои 12 лица, што ја прави опремата за надзор една од најразвиените во светот.

Заради набљудување на своите граѓани, Кина минатата година разви технологија за препознавање на одењето што може да идентификува поединец на растојание од 50 метри само според набљудување на неговите или нејзини физички движења.

Програмата „шпионска птица“, од друга страна, користи јата роботски птици со камери кои ги следат луѓето од воздух.

Организациите за човекови права ја критикуваа технологијата за надзор што ја применува кинеската држава кон нејзините граѓани, велејќи дека станува збор за сериозно кршење на личните слободи на граѓаните.

„Рангирањето на граѓаните според нивното однесување, од шопинг во продавници до пишување преку интернет, е вештачки начин за создавање општество каде нема проблеми. Луѓето со низок ранг, на тој начин се соочуваат со тешкотии во сите аспекти на животот, од вработување , па до едуцирање на своите деца “, рече Маја Ванг од Хјуман рајтс воч.