Несекојдневен мултимедијален концерт: Сонувања за заборавеното (ФОТО)


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Во претесната сала на киното Мис Стон во Прилеп беше изведен навистина несекојдневен мултимедијален концерт насловен „Сонувања за заборавеното“. Притоа посетителите имаа ретка можност да присуствуваат на одличен перформанс кој беше базиран врз комбинација на повеќе музички стилови, во кои доминираше изведба на класичната западноевропска музика од 17 и 18 век, кон која како контрапункт беа вклучени нејзините источни паралели.

Идејата на проектот беше да се направи споредба на музичкото творештво на нашите простори со она во западноевропските центри и на сето тоа да му се даде поширока рамка поврзувајќи ги музичките и историските збиднувања во двете средини.

Така низ динамичната и експресивна изведба на сопранот Ана Митоска Стојаноска, зачинета со нарацијата на актерот и режисер Димитар Ѓорѓиевски, за прв пат на македонска почва беа изведени дела од Франческа Качини, Доменико Скарлати, Барбара Строци, Георг Ф. Хендел, но и византиски и народни изворни песни како Море два се змеја и Домаќине гости ти дојдоа. Во проектот свој белег оставија и Верица Шотаровска – пијано, Катерина Попоска – мецосопран, Гоце Секулоски – труба и вокал, Денис Најдоски – пијано и вокал, Антониј Колевски – вокал, како и Милан Секулоски – актер.


Публиката беше воодушевена од настапот, а носителот на проектот Ана Митоска Стојаноска најави можност за гостување низ другите градови во Македонија, со цел и пошироката македонска јавност да може да ужива во ваквиот уметнички перформанс.


За време на целиот настап, сликаше уметничката Бојана Артиновска – Трпческа, а техничката и визуелна реализација беше дело на Томе Темелкоски и Саша Нацевски.