Од 1 ноември возилата ќе се даночат и според нивото на загадување


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Од ноември ќе стартува променет начин на оданочување на новите возила. Со новиот Закон за акцизи не е предвидена акциза за автомобилите, туку од први ноември за нив ќе се плаќа нов данок на моторни возила.

Со предлог-законот предвидено е пресметката на данокот на моторните возила да се врши врз основа на вредноста на моторните возила, како и врз основа на износот на просечната емисија на јаглерод диоксид – CO2, изразена во грамови по километар.

За возилата на електричен погон – патничките, мотоциклите и скутерите, трициклите и четирициклите, нема данок на моторни возила. Воведувањето на еколошка компонента во оданочувањето на новите автомобили е согласно заложбите за намалување на загаденоста и обезбеди здрава животна средина како основен предуслов за квалитетен живот на граѓаните. Законодавецот очекува дека новиот начин на пресметување на данокот на возила ќе придонесе кон увоз и користење на возила со пониска емисија на јаглерод диоксид, затоа што за нив ќе има помал данок.

Како поконкретно ќе се врши пресметката на данокот на возила ќе се утврди со посебна уредба на Владата.

Законот предвидува ослободување од плаќање данок за возилата за службени потреби за дипломатски и конзуларни претставништва и посебни мисии акредитирани во Република Северна Македонија. Но конзуларните претставништва водени од почесните конзули веќе нема да бидат ослободени од данок на автомобилите.