Advertisements
Актуелно

Прес-конференција на Заев за снимките со руските комичари – еве што изјави

На прес-конференцијата која премиерот Зоран Заев ја одржа по повод објавувањето на ауди-снимките направени од рускиот комичарски тандем кои му се претставувале како бившиот украински лидер Петро Порошенко и првиот човек на НАТО, Јенс Столтенберг, тој изјави дека ова е директен напад на нашите интереси за членството на нашата земја во НАТО.

„Ова им нанесува директна штета на нашите стратегиски интереси за членство во НАТО. Ова го прават добро организирани структури. Манипулациите доаѓаат од пропагандни медиуми со анти-НАТО ориентација. Тие се служат со дезинформации и се работи за класична политичка дискредитација. Но јас не сум единствениот. Со вакви разговори изманипулирани се голем број политичари. И можам да кажам дека сум во добро друштво“, рече Заев.

Тој додаде дека во голем дел од разговорите биле извршени сериозни интервенции, па може да се дојде до невистинити заклучоци.

„Тоа е на пример делот од разговорот за МПЦ и автокефалноста на нашата црква. Од разговорот се гледа мојот придонес и поддршка за МПЦ и дома и во странство. Секогаш работам во одбрана на интересите на нашата држава. Тоа е мојата постојана заложба. Овде се работи за незаконски активности на странски агенти. Во разговорите се слуша мојот став против промена на граници и размена на население. Во разговорот го пренесувам мојот личен став дека ќе направам сѐ што треба за автокефалноста на МПЦ“, рече Заев и додаде дека е жртва на неговата отвореност и желба постојано да биде во контакт со граѓаните и со политичарите од нашите пријателски земји.

Тој најави дека ова налага сериозно внимание на државата и на целиот демократски свет против лажните вести и манипулациите. „Ова налага сериозни промени во протоколите за безбедна комуникација, Најавувам дека Владата на Република Северна Македонија итно ќе заседава за овие прашања и ќе преземе одлучна акција против ширење на дезинформации“, рече Заев.

Advertisements

Најпопуларно

To Top