Приказната за Вудсток која ја знаат само организаторите: „Кокаин течеше во потоци“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Пред педесетина години, од 15 до 18 август, 1969 година, беше одржан култниот музички фестивал „Вудсток“ кој во голема мера го промени светот, генерално.

Мајл Ланг, идејниот зачетник на Вудсток, напиша книга за тој фестивал кој ни денес не престанува да го фасцинира светот. На 270 страници Ланг, со помош на Холи Џорџ-Ворен, ги пренесува приказната и искуството за настаните, настапите и сето она кое се случуваше во текот на тие, како што подоцна ги опишуваа, „три дена на мирот и музиката“.

Ланг во книгата дава одговори на многу интересни прашања, како на пример, зошто на Вудсток не настапија Боб Дилан, The Rolling Stones, Beatles, The Doors, кој сè од големите имиња ја одбил поканата за настап и низа други интересни и скокотливи податоци.

Ланг

Подготовки за фестивалот

Подготовките за Вудсток 1969 биле стресни од самиот почеток, опишува Ланг.

„Средата беше уште еден дождлив ден, па некои завршни електрични работи беа коцкање со животот. Скалилата од приколката веднаш покрај главниот трансформатор беа под напон. Електричарите, од некоја причина, не успеаја да ги заземјат и секој пат кога ќе зачекоревте по нив – ќе ве стресеше струја. Побрзаа да ја оспособат дигалката која ќе ни служи за превоз на засилувачи и опрема од местото на истоварање до сцената, некои десетина метри“, опишува Ланг. Поставиле огради кои, како што подоцна се дозна, некои ги туркале за луѓето да можат слободно да влегуваат.

„До средата веќе немаше време за планирање. Го решавате она што се случува и работите со она што го имате. Луѓето се јавуваа и прашуваа: Кога ќе преземете нешто во врска со ова? Тука по моето поле роварат некои луѓе!“. Испреговаравме со сопствениците и се обврзавме дека ќе им го исплатиме нивниот род од посевот. Луѓето едноставно ќе дојдеа на нивниот имот и ќе им ги уништеа посевите. Ако тие изјави од фармерите беа точни и можевме да ги провериме, тогаш и го решававме проблемот. Логистички сето тоа изгледаше како воена операција. Динамиката е идентична – планирате колку можете, обезбедувате залихи и намирници, кажувате што ви треба и одите понатаму“, опишува во книгата Вес Померој, кој учествувал во организацијата.

„Последните 24 часа беа трка со времето. Тимовите цела ноќ ја довршуваа сцената и – токму кога изгреа сонцето – ја поставија 12-метарската платформа на своето место. Треба само да продолжиме и сè ќе биде онака како што треба. А како одговор на оваа мисија, позади сцената, се појави прекрасна жена со голема пластична ќеса полна со бел прав. Добар Самариќанин нарачал половина килограм кокаин за сите членови на екипата кои работеа цела ноќ, а кои, веќе беше сигурно, ќе треба да останат будни цел викенд. Некаде околу осум часот утрото, шефовите на тимот се собраа позади сцената, во продукциската приколка. Токму кога го истуривме целиот кокаин на масата за да го поделиме, почна да истура дожд кој се лиеше како од кофа. Пред да се снајдеме, светликавите кристалчиња стана вистински хаос. Некои пробаа да спасат што може да се спаси, но белата смеса веќе течеше во потоци кон земјата“, се опишува во книгата.

Интересно е дека на Вудсток поради дрога беа уапсени околу 80 луѓе, како што пишува во книгата. „Тоа не е многу, со оглед на вкупниот број посетители“, заклучува Стен Голдштајн.

Посетителите – жив организам

„Посетителите беа еден жив организам. Немаше ограничувања. Некои беа сосема голи, некои напушени, некои не, имаше секакви луѓе. Беше кул екипа. Смешна приказна: Еден мој пријател понесе долго луле, во стилот на она од Шерлок Холмс. Дршката беше долга 30-тина сантиметри, а главата му беше голема и секогаш почнувавте да кашлате кога ќе пушевте. После едно лошо вовлекување на дим, на друг пријател му дојде преку глава од тоа, го зеде лулето и го фрли некаде наназад во толпата зад нас. Сопственикот на лулето се вознемири и почна да вика – Фрли го назад! Фрли го назад!. И одеднаш лулето се појави – не беше ни изгасено – долета право во главата од оној кој го фрли. Инстант карма!“, опишува еден од посетителите.

Без Дорс, Дилан…

На Вудсток, сепак, не настапија некои од најголемите музички рок ѕвезди на тоа време. Ланг во книгата објаснува и зошто.

„Се надевавме дека ќе ги наговориме Донован и Џони Кеш да настапат, но двајцата не одбија. Прекрасната кантавторка Лаура Најро исто беше на листата со оние кои ги сакаме, но поради страв од јавен настап, не ја прифати нашата понуда“, објаснува Ланг.

„На врвот на нашата листа со желби беа и The Doors, но откако Џим Морисон во март беше уапсен во Мајами, стана параноичен. На својот менаџер му кажал дека не сака да настапи на Вудсток бидејќи се плаши дека некој ќе го убие за време на настапот“, ја објаснува ситуацијата со The Doors организаторот.

„Ги запознав Рик Данк и Ричард Мануел, а некако се надевав дека со нив би можел да дојде и Боб Дилан. Не бил на турнеја од 1966 и не сакав да навалувам и инсистирам. Многумина од контракултурното движење толку многу му натоварија на грб, што не сакав да му правам дополнителен товар – па не го ни прашав. Секако, ги сакав и The Beatles, но тие би ги засениле сите други изведувачи. Всушност, престанаа да настапуваат и беа пред распаѓање. Џон Ленон имаше големо влијание врз мене и некако успеав да дојдам до него преку Крис О’Дел, кој работеше во Apple, новата менаџерска компанија на Битлс. Крис соработуваше со мене во обидот да го донесеме Ленон на Вудсток, но во мај на Ленон му беше забранет влез во САД, бидејќи една година претходно беше уапсен со мала количина наркотици“, објаснува Ланг и продолжува: „Администрацијата на Никсон не го пушташе во земјата поради неговиот антивоен ангажман и други протести. Бев голем обожавател на The Rolling Stones, но како и во случајот со The Beatles, би доминирале на фестивалот и ќе го променеа фокусот од пораката која сакавме да ја пратиме. Смислата на Вудсток не беше еден бенд или неколку бенда. Акцентот беше на луѓето – и како идеите и музиката се испреплетуваат во нивните животи“.

Проблеми и со настапот на The Who

„Сабота попладне. Менаџерот на Grateful Dead, Џон МекИнтајр, и менаџерот на The Who, Џон Волф, ме притеснија в ќош во мојата приколка. Тензијата расте. Работата на концертниот менаџер е неговите штитеници да бидат исплатени пред настапот. Слушајте, им велам, ќе ви дадеме чек. Ќе можете да го размените после викендот. Видете и самите што се случува – нема кеш на фестивалот. Нема влез, концертите се бесплатни, не е дека не знаете… Не ме интересира, ми повтори Волф, или ќе добиеме готовина, или нема да свират. Им го должиме вториот дел од нивните хонорари – 3.375 долари на Grateful Dead и 6.250 долари на The Who. Не знам како ќе собереме толку пари на време. Моментално немам кеш, повторив. Ќе ви дадам чек со кој во понеделник наутро ќе можете да појдете во банка и да го размените за пари, ќе биде сè во ред, ветувам. Единствено ако е сертифициран, инсистираат. Ми текнува како можам да ги натерам нивните штитеници да свират. Некаде длабоко во себе знам дека Dead нема да прават проблем. Нивните пријатели се тука и ќе свират без оглед на сè. Џери Гарсија веќе свиреше на бесплатната сцена. Од друга страна, The Who можеби ќе бараат изговор да не настапат. Уште се лути дека се согласија да свират на концертот за кој ќе се покаже дека им е најважен настап во кариерата. Откако Пит Таунсенд пристигна, се миршти на секого и е прилично непристапен. Овој ’само мир и љубов‘ собир очигледно не е за него. Го погледнав Волф и му реков – Ако стоиш на својата одлука, одам официјално да објавам дека The Who нема да настапат бидејќи немаме кеш да ги исплатиме“, опишува Ланг.

„Знам дека The Who беа музичари и дека нивните концерти се меѓу најдобрите настапи во живо, па ова беше своевидно коцкање. Иако, ми беше јасно дека нема официјално да ја објавам таа вест. Бидејќи со сите промени во распоредот на програмата и настапите на ненајавени изведувачи, публиката веројатно и не би забележала ако не се појават The Who. Волф и МекИнтајр меѓусебно се погледнаа. Заборави!, викна Волф пред и двајцата да одмаршираат“, стои во книгата.

На Вудсток е родена и традицијата со палење запалки во воздух за време на концертите, се открива во оваа книга.

„Беше волшебно. Го доживеав моето прво вонтелесно искуство“, опишува посетителката Мелани.

„Преминував преку мостот кон сцената, го напуштив своето тело и го гледав одозгора. Се видов самата себеси како се качувам на сцената, седнувам и почнувам да пеам. Дождот почна да врне токму пред мојот настап. Рави Шанкар заврши, а Чип Монк преку микрофон рече дека ќе го избркаме дождот ако запалиме свеќи. Кога го завршив својот настап, цело брдо беше исполнето со мали, растреперени светлинки. Ова беше неверојатно искуство, беше неверојатно да се биде таму, да се доживеат тие луѓе како да сме едно големо семејство. Вудсток беше потврда дека секој еден од нас е дел од секој друг од нас. Тие запалени свеќички станаа традиција на концертите која трае и ден денес. Свеќите станаа запалки, а запалките мобилни“, додава таа.

„Тие се најпристојните половина милион луѓе кои можете да ги замислите на дождливиот, каллив викенд. Немаше тепачки, немаше никакви други инциденти“, му ја опиша Ланг атмосферата на фестивалот на новинар од New York Times.

Џон Ленон еднаш рече: „Нема многу луѓе кои ќе го забележат сето добро кое произлегло од последните десет години – Вудсток е најголемиот собир на луѓе околу било каква друга идеја, а таа да не биде војна. Никој никогаш немал таква голема војска без да убие некого или да помине без крвнички глетки како кај Римјаните или кај било кој друг. Дури и на концертите од The Beatles имало повеќе насилство отколку на Вудсток“.