Се бара Зоки Поки и неговата дружина: Отворен кастинг за ТВ-серијата според култната детска книга


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Култната детска книга „Зоки Поки” на писателката Оливера Николова наскоро ќе добие своја екранизација. ТВ-серијата според безвременското книжевно дело, која ќе ја режира Александар Поповски во продукција на Кино Око, ќе се снима во текот на летото. Предвидено е снимање на десет епизоди според внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.

Тимот на ТВ-серијата работи на последните подготовки за снимањето и најавува кастинг на кој ќе се бираат актери-деца кои ќе ги толкуваат улогите на Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки и сите останати ликови.

Кастингот, кој е отворен за сите деца на возраст од 6 до 9 години, ќе се одржи на 18 и 19 мај, од 10:00 до 17:00 часот во основното училиште „Јан Амос Коменски” – Скопје.


„Кастингот, кога се работи за актери-деца, е долг процес, така што во моментов можам да кажам дека сите деца на возраст од 6 до 9 години се потенцијални Зоки Поки, Лидија, Боки, Гоки…” вели продуцентот на серијата Роберт Насков.

„Зоки Поки” е книга за деца првично објавена во 1963 година од страна на „Детска радост”, по што следувале голем број изданија. Повеќе од половина век книгата била задолжителна лектира за учениците во македонските основни училишта. Преведена е на српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и германски јазик.

Режисерот Александар Поповски и продуцентот Роберт Насков се одлучиле за екранизација токму на „Зоки Поки” не само затоа што сметаат дека ова култно литературно дело е релевантно за многу различни генерации, туку и поради недостаток на домашна ТВ програма за деца. Со желба за враќање на вредностите кои полека исчезнуваат, Поповски и Насков сакаат да создадат ТВ проект кој ќе им го задржи вниманието на децата кои растат во денешното „брзо” време.

„Зоки Поки” е прв заеднички проект на Поповски и Насков по филмот „Балканот не е мртов” во 2013 година. Последен ТВ проект на Насков и „Кино Око” е ТВ-серијата „На терапија”, која е првата македонска ТВ серија снимена според странска лиценца.