Сефте лет на првиот беспилотен руски „ловец“ (видео)


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Минатиот викенд, од воениот аеродром за тестирања во Новосисбирск, руските воздухопловни сили му направија сефте тест лет на новиот беспилотен авион С-70 „охотник“, односно „ловец“.

Леталото леташе 20 минути и се крена до висина од 600 метри. Ова летало експертите го нарекуваат прототип на авион од шестата генерација, што значи дека освен гаѓање мети на земјата леталото може да води и битки во воздух. „Ловец“ е направен со стелт технологија и е речиси незабележлив за радарите.

Авионот го конструираше компанијата Сухој, а го изработи компанија во Новосисбирск по принципот „летачко крило“, што значи дека крилата го носат главното оптоварување. Авионот, со опрема за разузнавање и оружје, тежи 25 тона. Должината на „охотник“ е 19, а распонот на крилата 14 метри. На мали висини дронот ќе може да лета до 1.400 км/ч, а радиусот ќе му биде 5.000 километри.

Сухој тврди дека тестирањата на новото летало ќе траат од една до три години. Бизнис инсајдер пишува дека руското летало личи на американскиот бомбардер Б-2 „спирит“ и дека може да им предизвика големи главоболки на Американците.

Експертите тврдат дека „охотник“ би требало да лета во тандем со прилично фалениот руски стелт авион Су-57. Екипажот на авионот би можел да го командува и беспилотното летало. Дел од руските експерти избрза да го наречат С-70 „охотник“ убиец на американските ловци Ф-22 и Ф-35. Нормално дека е прерано да се оценуваат капацитетите на рускиот дрон, бидејќи тој секако ќе биде доработуван во тестната фаза.

Русите до пред неколку години заостануваа зад главните ривали Американците кога станува збор за беспилотните летала, главно поради тоа што немаа доволно пари за вложување. Кога военото раководство сфати дека современата војна ќе се води главно од воздух, Кремљ реши да ги вложи парите и најпознатите руски воздухопловни компании почнаа да прават тешки дронови. Малите дронови до неодамна Русија ги купуваше од Израел, пред да почне да ги произведува.