Снежната импозантност на корабскиот масив – дразба која ги полни очите


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Кон планината

не смееш со остро око.

Кон висините стремиш – не одиш во бој!

Со благост сонувај, разбуди се здрав

низ твојот поглед нека завиори сокол,

кон врвот се стасува со добрина,

со дарот од најубавата нарав.

Ферид Мухиќ

Планините се одраз на моменталната духовна и душевна настројба на оние кои им приоѓаат. Огледало се на стремежот, на поривот и желбата со кои им се пристапува. И поради тоа се бескомпромисно „суров“ соперник, кога намерите не се доволно прочистени низ безгранично ситното сито на духовната чистота. И безмерно благи кога со духот по искреност сте над секој нивни врв, а со наравот пониски од најмалата тревка, најтрошното цвеќе.

А кога снежинките ќе го распостелат нивниот тешко пробивен густ танц на белината врз секој микрометар од планинската опстојба, тогаш приказната и доживувањето добиваат надреални димензии. Тогаш искуството се подложува на нова поетика, карактерот одново и одново се осмислува според секогаш ново собеседништво на духот и пулсот на планинската дразба. Во таква средба на величенственоста, гигантноста и импозантната космологија на природата низ планинската појавност, од една страна, и нискоста на човечноста, од друга страна, „победникот“ е однапред одреден. Но, добитникот секогаш зависи токму од нас, помалите, ниските и ништите пред таа масивна торжественост.

Проникливоста во сета таа комплексна едноставност на врвичниот планински „аксис мунди“ е вечно и незадржливо преиспитување на интегралното „јас“ на секој еден намерник кој ќе го пушти својот чекор среде снежната благост на брановидната недогледност, меѓу магичниот белопис и строгоста на врвично устремените каменести горостаси кои до неиздржливост ги дразни сетилата и полни зениците. А корабскиот масив, кога станува збор за едно вакво патешествие на телот и умот, на физичката и духовна опстојба и настројба, е неприкосновен предизвик. И заводник.

Таму и тогаш, еден чекор секогаш „тежи“ за два, еден метар секогаш должи колку два. Оти ги мерат и физичкиот расчекор и психичкиот исчекор. Дури и кога паѓаш, паѓаш за двајца, за оној кој тргнал, и за оној кој треба да се врати прочистен од снеговината и планинската бистрина кога денот ќе те облагороди со ведрина и јасност како најблаг дар. Тогаш немаш право на изговор пред тежината и недодржимата тегобност на бескрајното доосмислување на наравот, на никогаш конечното воздигнување на настројбата. Корабијата во такви моменти е повозвишена од религија, подлабока од мантра и покомплексна од цела вселена. А едновремено и манифестација на сурова едноставност со која нема компромис. Таа е ТАМУ, а ние секогаш и без престан со вечен стремеж КОН таму.

Ако се вратиш со блага дума и возвишено прочистена настројба од угорните и удолните слаломи под Кепи Бард и околните висови, ако очите ти претекуваат од импресии под набојот на острите карпести секачи на Рибничка скала, Кабаш и другите торжественици, тогаш сметај се за добитник. Уморот секогаш ќе биде само достоен и добредојден потсетник за упорноста на твојата ограничена телесност и величието на неуморната и незадржлива врвична настроеност.

Учесници: Филип Туманоски, Иво Иваноски, Александар Еленин

Текст и фотографија: Александар Еленин

Извор: edinak.com