Дилеми за оние што сметаат дека Договорот е добар и ќе гласаат ЗА!


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Оние што сметаат дека Договорот е добар или задоволителен и ќе гласаат ЗА и оние што се двоумат, треба да преразгледаат неколку магловити, идни и можни ситуации, пред да ја донесат конечната одлука. Зборувам за ситуации кои ако настанат, би ги поништиле или би ги намалиле сите позитивни придобивки од Договорот (ова по мерилата за тие што сметаат дека е позитивен или тие кои се двоумат). Тие ситуации не треба да се гледаат само низ призмата на веројатност, туку и колкава би била штетата ако настанат. Впрочем, најголем дел од нас ставаат појаси додека се возат, не затоа што веројатноста од стравична сообраќајка е голема (далеку под 1%), туку затоа што штетата би била огромна и можеби ненадоместлива, благо кажано.

Значи, кои се тие можни ситуации (а секако има барем уште десетина други со исто ниво на сериозност):

1. Што ако договорот не пројде во грчкиот парламент?

2. Што ако истата грчка влада или некоја следна (Неа Демократија има голема предност на анкетите, изборите доаѓаат за една година) постави нови услови и повторна ја блокира, тогаш веќе, Северна Македонија?

3. Што ако Бугарија сега стане новата Грција и почне да не блокира?

4. Што ако било која друга земја заради Х причини не блокира на патот кон ЕУ и НАТО, и така останема ем без влез во нив, ем со најкатастрофалниот договор? Дури ни НАТО не ни е сигурен, Црна Гора доби вето во американскиот сенат, пројде дури од второто гласање.

5. Што ако Трамп го распушти НАТО (до пред 2-3 години, сите овие сценарија беа во класата „заговорите на Миленко“, но после Брегзит и изборот на Трамп, ништо не е невозможно)?

6. Што ако ЕУ се распушти (пр. победи Ле Пен во Франција)?

7. Што ќе има во уставните измени? А зошто се кријат?

8. А ако има нешто што сега е неприфатливо?

9. А што ќе реши комисијата за образование и историја?

10. А што ќе реши комисијата за трговски марки?

11. А ако помине договорот, и веднаш потоа на избори победи ДПМНЕ, со Мицко или Грујо и останат на власт нови 10 години (и се закочиме на патот кон ЕУ заради Х причини)?

12. А ако услов за референдумот и за гласањето за уставот е простување на криминалите на ДПМНЕ?

13. Еве ОК, отворен ни е патот кон ЕУ, ама повторно спроведувањето на реформите зависи од нас самите, од нашите власти. Ако се истите луѓе (а истите ќе бидат, нема да дојдат нови, во ниедна партија, нема нови професори, активисти, бизнисмени или новинари), што фајде тогаш?

14. И без разлика што ни е отворен патот, повторно 100% зависи само од нас, никој од ЕУ нема да дојде, а камо ли да нареди, некоја реформа да се заврши.

15. Толку ли е живот или смрт ситуација? Толку ниедна реформа, ниеден добар закон, ниедна добра практика, не може да се донесе во земјата, само од нас и за нас, надвор од контекстот на ЕУ и НАТО? Ако одговорот е да (како тезата – ние 27 години не успеваме сами, нема ни понатаму сами), како по стапувањето на сила на договорот, магично ќе се смениме и сами (види погоре) ќе ги направиме сите потребни реформи за ЕУ? А како другите држави и народи успеваат сами? Дури и оние што не се членки на НАТО и ЕУ. А што ќе правевме ако не бевме во Европа, а со тоа и немаше ни да можеме да станеме членки на НАТО и ЕУ? Ќе се распуштевме?

16. Која е гаранцијата дека нема да ни се случи поделба? Пр. курдите во Турција, референдумите во Шкотска и Каталонија, Белгија пред поделба…

Пишува: Ивица Смилевски
Извор