Уште два запалени контејнери во Скопје – еден нов во Центар, еден стар во Чаир


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Од скопското Јавно Претпријатие „Комунална хигиена” информираат дека на улицата „Орце Николов”, во близина на Генералштабот, синоќа е запален еден новопоставен контејнер. Во Чаир е запален стар метален контејнер на булеварот Христијан Тодоровски Карпош.

– Ваков инцидент се случи и пред два дена кога во една ноќ беа запалени осум контејнери за одлагање смет во населбите Ѓорче Петров и во Ново Лисиче. Огнот предизвика голема материјална штета, а беа оштетени и две возила кои биле паркирани во близина на опожарените садови за отпад. Претходно, во населбата Радишани изгореа три контејнери од 1,1 кубен метар и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло, како и еден нов контејнер на улицата Франклин Рузвелт, соопштија од Град Скопје.

Градските власти наведуваат дека сите случаи на опожарување на садовите за одлагање отпад се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.

Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена” апелираат до граѓаните да ги чуваат и да не ги оштетуваат контејнерите поставени на јавните површини за да се овозможи ефикасно одлагање на комуналниот отпад и да се одржува јавната хигиена.

– Садовите за отпад се набавуваат со пари од граѓаните, а со нивното оштетување се нанесува голема финансиска штета. Поради тоа, ги охрабруваме граѓаните да го пријават секој случај на вандализам врз контејнерите и врз другата урбана опрема за да се одржи комуналниот ред во градот, а јавните површини да бидат уредени и чисти, истакнаа од Град Скопје.