Вебкафе

Во малешевскиот регион спасен примерок од загрозениот вид белоглав мршојадец

Примерок од загрозениот вид кај нас белоглав мршојадец во Малешевијата беше спасен од повреда од страна на хумани граѓани. Птицата откако била пријавена, како што информираат од здружението „Проанима”, ја примил ветеринарен инспектор од Берово, кој констатирал повреда во делот на крилјата.

„Птицата не можела да лета, поради удари од камења. Била сместена во сигурна просторија на шумското претпријатие во обезбеден кафез со храна и вода. Поради тоа што немавме искуства со птици, откако бевме известени за случајот, решивме да побараме помош од Македонското еколошко друштво“, информираат од „Проанима“.

Со поддршка на Македонското еколошко друштво, започнала акција за преземање на птицата од страна на Ветеринарен факултет од Скопје каде во моментот се наоѓа белоглавиот мршојадец.

„Во акцијата за обезбедување транспортно возило, ни помогнаа од Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“. Белоглавиот мршојадец, потоа беше преземен од Македонското еколошко друштво и однесен директно на Ветеринарен Факултет во Скопје, каде е извршен преглед и првичните резултати се добри. По добивање на резултатите од рентген и крв, ќе се знае колку време би траела терапијата, за да биде целосно излечен и вратен во природа“, велат од здружението „Проанима“ од Берово.

Белоглавиот мршојадец е вистинска реткост во Малешевијата. Според податоците на Македонското еколошко друштво, овој вид на птичја фауна, најмногу е застапен во околината на Демир Капија, клисурата на Црна Река во близина на Тиквешко Езеро, Мариово, на планината Осогово и кај езерото Матка.

Advertisements
To Top