Заев потврди: Употребата на новото име за домашна употреба се замрзнува


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Одлуката да се блокира влезот на Македонија во ЕУ и да не се додели датум за отпочнување на пристапните преговори може да го доведе во опасност договорот од Преспа, бидејќи двата процеси се заемно поврзани, изјави македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за грчкото издание на „Јуроњуз“ во Скопје.

Во интервјуто кое го даде во понеделникот, Заев рече дека одредени фундаментални членови од Преспанскиот договор, потпишан со Грција во летото 2018 година, се поврзани со напредокот на пристапувањето на Македонија кон ЕУ.

„Одредени поглавја ќе бидат замрзнати затоа што не може да се спроведат, според моменталната ситуација не е можно да се оди напред. Ние ќе се обидеме да ги спроведеме, но сè е поврзано, бидејќи процесот на преговори значи пренесување на нашиот суверенитет во Европската Унија“, рекол Заев, нагласувајќи дека спорните поглавја главно се однесуваат на домашната употреба на новото име на земјата, пренесува Екатимерини.

Заев, кој распиша предвремени избори за април, откако кандидатурата за влез во ЕУ месецов беше блокирана, главно од Франција, рече дека приемот во блокот е единствениот пат напред за неговата земја и за другите нации од Западен Балкан, пренесува грчкиот весник.

„Ние немаме алтернатива. Нема други понуди што би можеле да послужат како алтернатива. Какви други понуди и да има, тие не ни даваат демократија, владеење на правото и слободи. Ако згасне светлината од ѕвездите на знамето на Европската Унија, ние тука ќе имаме мрак. И може да се загубиме во тој мрак“, рекол Заев.

„Ако на радикализацијата и на воскреснувањето на национализмот им се даде плодна почва, тоа ќе му нанесе голема штета на целиот Балкан. А кога Балканот има проблем, Европа има проблем“, додал премиерот.