Законот за амнестија за „крвавиот четврток“ в понеденик во Собрание


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На 17-ти декември, пратениците ќе одлучуваат за амнестија на дел од обвинетите за 27-ми април. Новиот предлог-закон изработен од Телото за помирување веројатно ќе опфати 40-тина од вкупно 70 лица кои се обвинети за насилните случувања на овој ден по различни основи.

Се очекува Законот да опфати 25 од вкупно 33 лица кои се гонат за Терористичко загрозување на уставниот поредок, но и 15 кои се обвинети за Учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење на службена должност. Важно е да не извршиле насилство, да не се организатори на упадот во Собранието и да не се гонат по командна одговорност. Затоа, овој закон нема да ги опфати седуммината осудени за обидот за убиство на Зиадин Села, 12-мината обвинети за кривично дело насилство, меѓу кои, напаѓачот на Радмила Шеќеринска, како и оние најзвучните имиња, што се гонат по командна одговорност.

Текстот на законот што го подготви подтелото за помирување, утре ќе биде разгледан од широкото интерпартиско координативно тело, по што веднаш треба да биде формално поднесен, за да може да се стави на дневен ред в понеделник по скратена постапка. Се очекува поддршка и од опозициската ВМРО ДПМНЕ, која со амандман ќе се обиде да издејствува амнестија на сите, кои, според нив, се политички гонети.

Законот за амнестија како прва активност на Телото за помирување стана едно од барањата на Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата. Осуммината пратеници го поддржаа отварањето на Уставот и најавија активно учество во овој процес, само доколку парламентарното мнозинство и Владата целосно ги исполнат нивните услови, меѓу кои, помирување и простување за настаните од 27 април.