„Змејот ја олабави челустата“ – над 25.000 демонстранти излегоа во Москва против политичките апсења


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Она што ова лето започна како движење за фер избори, есенва во Москва се претвори во масовен протест против политичките хајки и апсења кои власта од официјален Кремљ ги правеше изминатиов период.

Изборите што го предизвикаа протестното движење летово во Москва дојдоа и поминаа, но опозицијата на Русија сега е насочена кон нова задача: ослободување на оние што се опфатени со хајките на Кремљ.

14 лица се соочуваат со до осум години зад решетки за своите улоги во демонстрациите за фер-избори, а Руси од сите сфери на животот бараат нивно ослободување, вели Москва тајмс. А последниве недели, по досега невидениот јавен протест во Русија, обвинителите ги повлекоа кривичните пријави против шестмина од обвинетите.

Опозицијата, чувствувајќи го импулсот, сега сака повеќе. Во студеното и дождливо неделно попладне, илјадници луѓе се собраа во центарот на Москва за да побараат властите да ги ослободат останатите.

„Зошто ги ослободија оние што ги ослободија?“, од бината ја праша публиката најистакнатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални. „Бидејќи се плашат од паѓање на рејтингот. Бидејќи гледаат дека народот не ги поддржува во ова“.

Во јули, откако членовите на изборната комисија забранија голем број опозициски политичари да се кандидираат на неодамнешните избори во Москва за градската дума, илјадници луѓе излегоа на улиците во најголемите протести со години видени во руската престолнина.

Во зенитот на движењето, кој дојде по годинашниве протести низ Русија поради намалувањето на животниот стандард, што доведе до пад на рејтингот на претседателот Владимир Путин и владејачката партија Обединета Русија, на еден митинг излегоа околу 50.000.

Но властите почнаа хајка, вели рускиот весник, привремено притворајќи околу 2.400 демонстранти и отворија кривични истраги за масовни немири. Движењето се разгоре кон крајот на август.

Пет лица досега се осудени за своите улоги на митинзите. Противниците на Кремљ сметаат дека целта на затворските казни е задушување на идните протести. Еден од осудените, Кирил Жуков, 28, ќе мине три години зад решетки зашто го кренал визирот на полицаец.

Реакцијата на властите потсетуваше на хајките по протестите во Болотнаја 2011-2012 година, последниот бран антивладини демонстрации во руската престолнина. Но она што овој пат е забележливо, велат политичките аналитичари, е дека како реакција на тоа руското граѓанско општество се разбудило.

Во последните неколку недели, групи професионалци, од наставници преку лекари до православни свештеници, потпишаа отворени писма со кои се бара ослободување на осудените.

Претходно месецов актерите се собраа пред претседателската администрација барајќи да се ослободи Павел Устинов (23), кој беше осуден на три и пол години затвор за наводно дислоцирање на рамото на полициски службеник. Тој наскоро потоа беше ослободен во куќен притвор.

„Ова и порано се случуваше во Путиновата Русија, но, како по правило, беше поврзувано со социјални или економски потреби, како ниските плати“, вели политичката аналитичарка Марија Липман. „Досега невидено е ова што ги гледаме овие групи како зборуваат против неправдата“.

Во последниве денови, обвинителите ги повлекоа обвиненијата или пуштија во домашен притвор голем број од оние што се соочуваа со казна затвор. Еден од нив, Алексеј Мињајло (23) веднаш одржа индивидуален протест во четвртокот попладне – легална форма на протест во Русија – пред зградата на претседателската администрација, кој траеше цела недела, а продолжи и вечерва.

На демонстрациите на улицата именувана по советскиот дисидент Андреј Сакаров во неделата попладне, Мињајло рече дека многу луѓе му рекле дека е глупав затоа што уште еднаш ризикува да го уапсат.

„Секако дека сум исплашен“, рече тој од бината, заедно со тројца други обвинети чии обвиненија беа повлечени. „Но уште повеќе се плашам да живеам во страв“.

Демонстрациите – кои беа одобрени од властите и немаше апсења – привлекоа 25.200 луѓе, според „Бел бројач“, невладина организација што ги брои учесниците што минале низ безбедносните огради околу одобрените митинзи. Московската полиција изброи околу 20.000.

Иако некои активисти почувствуваа дека повлијаеле врз Кремљ, тоа може да е само до мал степен, а солидарноста може да биде единственото нешто што луѓето можат сега да го понудат, рече политичката аналитичарка Татјана Становаја.

„Многу е важно да се разбере дека нема либерализација“, рече таа. „Властите прават корекции каде што можат, но тие не го реформираат системот“.

Но демонстрантите во неделата рекоа дека нема да бидат обесхрабрени.

„Змејот ја олабави челуста, но не до крај“, рече 45-годишната Лариса Соловова. „Мора да продолжиме“.